Граѓанска наука во Северна Македонија

Развој на граѓанската наука во Северна Македонија

Иако граѓанската наука во Северна Македонија е во зародишна фаза, истата е сè поприфатена, особено во доменот на мониторинг на животната средина, зачувување на биодиверзитетот и промовирање на одржливоста. Слично на поширокиот европски тренд на активно вклучување на граѓаните во научни истражувања и собирање податоци, македонските локални организации, академските институции и еко активистите соработуваат со цел да ја промовираат и негуваат граѓанската наука во земјата.

Продорот на ваквите иницијативи во Северна Македонија започна во последните неколку години и, макар што истите придонесуваат кон подигнувањето на општата свест за концептот и важноста на граѓанската вклученост во научни истражувања и заштита на животната средина, сепак, на државата и се потребни уште многу напори за целосно да се поттикне и развие граѓанската наука, особено истата да се прифати како корисен пристап од страна на надлежните институции и пошироката јавност.

Од друга страна пак, популаризирањето на граѓанската наука ѝ овозможува на државата да стане поактивен учесник во европските граѓанско-научни иницијативи. Подемот на истата ветува повисока свест и вклученост на локалните заедници, што пак, ја приближува Северна Македонија до Европската визија за градење на информирано и активно општество кое придонесува и поттикнува научен напредок.

 

 

Главни еколошки предизвици во С. Македонија

Квалитет на воздухот и загадување

Северна Македонија се соочува со значителни предизвици за квалитетот на воздухот, особено во урбаните средини, поради индустриските емисии, сообраќајот и греењето на домовите. Загадувањето со честички (PM), особено PM2.5 и PM10, претставува сериозна закана за јавното здравје. Земјата има едно од највисоките нивоа на загадување со PM во Европа, што доведува до респираторни проблеми и кардиоваскуларни заболувања. Главните извори на загадување на воздухот се електрани на јаглен, индустриски капацитети и густ сообраќај. За борба против овој проблем, се појавија различни иницијативи на граѓанска наука, кои го следат квалитетот на воздухот и ја зголемуваат свеста за последиците од загадувањето на воздухот. Овие напори ги зголемуваат знаењата на граѓаните со цел да се залагаат за почист воздух и поодржливи урбани средини.

 

Загуба на биодиверзитетот

Северна Македонија се карактеризира со различни екосистеми, вклучувајќи планински терен, езера и уникатен биодиверзитет. Сепак, овие екосистеми се под закана од уништување на живеалишта, уништување на шумите и климатски промени. Земјата е дом на различни животински видови, како што е балканскиот рис, кој е критично загрозен. Губењето на живеалишта поради уништувањето на шумите и развојот на инфраструктурата претставува значаен предизвик. Проектите за граѓанска наука во Северна Македонија се фокусираат на каталогизација и заштита на природното наследство на нацијата, поддршка на напорите за зачувување и придонесување кон научните податоци за биодиверзитет во регионот.

 

Влијание на климатските промени

Северна Македонија, како и многу земји, се соочува со последици од климатските промени, кои вклучуваат зголемување на температурите и поместени временски модели. Овие поместувања резултираат со почести и посилни топлотни бранови, суши и интензивни врнежи кои влијаат на земјоделството, водните ресурси и урбаната инфраструктура. Граѓанските научници се активно вклучени во следењето на овие промени, обезбедувајќи вредни податоци за истражување и стратегии за адаптација и справување со климатските промени. Тие работат на проекти поврзани со следење на климата, собирање податоци за временските услови и проучување на локалните ефекти од климатските промени. Овие напори придонесуваат за поинформирани одлуки и планирање на поодржлива иднина.

 

Квалитет и управување со водите

Квалитетот и одржливоста на водните ресурси на Северна Македонија се од витално значење, земајќи ги во предвид бројните езера, реки и богати водни екосистеми. Сепак, загадувањето и еутрофикацијата од земјоделските наводнувања, несоодветниот третман на отпадните води и нелегалното фрлање отпад претставуваат закана за овие вредни водни тела. Проектите за граѓанска наука играат клучна улога во следењето на здравјето на водните екосистеми, идентификувањето на изворите на загадување и работењето кон поефективно управување и зачувување на водите. Овие иницијативи обезбедуваат податоци од суштинско значење за заштита и управување со водните ресурси на земјата.

 

Урбанизација и користење на земјиштето

Брзата урбанизација и развој на земјиштето во Северна Македонија претставуваат комплексни предизвици. Урбаната експанзија често води до деградација на земјиштето, губење на зелени површини и еколошки проблеми. Иницијативите за граѓанска наука се фокусираат на разбирање на влијанието на градежништвото и урбанизацијата врз локалните екосистеми. Нивните напори обезбедуваат вредни податоци за донесување информирани одлуки во врска со одржливиот урбан развој, зелената инфраструктура и зачувувањето на животната средина.

Сеопфатниот ангажман на граѓанската наука во справувањето со овие еколошки предизвици ја одразува посветеноста на Северна Македонија во подобрување на квалитетот на животната средина, зајакнување на јавната свест и поттикнување на поодржлива и еколошки свесна нација.

 

 

Проекти на граѓанска наука во Грција

Мој воздух (AirCare)

Иницијативата „Мој воздух“ е интересен пример на граѓанско учество во мониторирање и известување за квалитетот на воздухот во Северна Македонија. Иницијативата активно ги ангажира граѓаните во собирање податоци за нивоата на загаденост на воздухот преку мрежа на уреди за следење на квалитетот на воздухот. Со обезбедување на податоци во реално време, овој проект ја подигнува свеста за прашањата за загадувањето на воздухот, давајќи им можност на поединците и заедниците да преземат информирани одлуки и акции за подобрување на квалитетот на воздухот. За повеќе информации и учество, посетете ја веб-страницата AirCare.

 

Пријави депонија!

Иницијативата „Пријави депонија“ е интересен пример кој ја охрабрува јавноста во државата да се вклучи во активности околу следење, пријавување и документирање на дивите депонии во Северна Македонија. Истата игра клучна улога во развивање на свеста кај граѓаните како и во адресирањето на ова сериозно прашање преку директно и активно вклучување на граѓаните во мапирање на нелегалните локални депонии. За повеќе информации, посетете ја веб-страницата на „Пријави депонија!“.

 

„Заробените бели дробови на градот“ / „Заробените дрвја“

Овој иновативен проект се фокусира на разбирање на влијанието на загадувањето на воздухот врз урбаните дрвја и вегетацијата во Северна Македонија. Со вклучување на граѓаните во собирањето и анализата на податоци за заробените дрвја во централното градско подрачје (Скопје), се расветлува не само влијанието на урбанизацијата, загадувањето на воздухот врз животната средина, но и се подигнува свеста за важноста на зелените површини во градовите. За да дознаете повеќе за овој проект, посетете ја веб-страницата на проектот.

 

Граѓанската наука во служба на заштита на биодиверзитетот

Спроведен од Еко-свест и Натура МК во периодот од ноември 2021 до јуни 2022 година, овој проект имаше за цел да мобилизира локални волонтери и посетители во мапирањето на различните растителни видови на т.нар. Споменик на природата „Вевчански извори“. Иницијативата вклучуваше серија од едукативни активности, развој на апликации и обука, едновремено придонесувајќи за зачувување на оваа заштитена област, промоција на важноста на шумите и граѓанска наука во служба на природата. За повеќе информации, посетете ја страницата на проектот.

 

Поттикнување на децата и младите во Северна Македонија да станат двигатели на промени

Овој проект е витална иницијатива која се фокусира на зајакнување на еколошкото образование и свеста за климатските промени кај децата и младите во Северна Македонија. Иако не се придржува строго до моделот на граѓанска наука, тој игра значајна улога во промовирањето на еколошката свест и одржливите практики кај помладата генерација. Проект поддржан од УНИЦЕФ, имплементиран од Здружението за заштита и унапредување на животната средина, Еко Логик и има за цел да ги зајакне образовните институции, наставниците и учениците ширум земјата. Неговата примарна цел е да ги подобри постоечките образовни програми, да помогне во развојот на нови вештини и знаења и да ја нагласи иновативноста и интерактивноста во образованието за животната средина и адаптацијата на климатските промени.

Активностите во рамки на програмата вклучуваат спроведување на истражувања, подготовка на едукативни материјали, зголемување на капацитетот на наставниците и персоналот, поддршка на младинските иницијативи и објавување ресурси за зајакнување на образованието и можности за зелени работни места. За повеќе информации за овој проект, посетете ја веб-страница на проектот.

Овие проекти за граѓанска наука ја означуваат посветеноста на Северна Македонија во решавање на еколошките прашања и ангажирање на нејзините граѓани во научно истражување. Со активно вклучување на јавноста во мониторинг на животната средина, Северна Македонија има за цел да изгради еколошки посвесна и поодговорна нација, прифаќајќи ја колективната моќ на нејзините граѓани за подобра иднина.

 

 

Резултати од теренско истражување

Теренското истражување во Северна Македонија имаше за цел да ги истражи различните аспекти на еколошката свест и граѓанска вклученост во земјата. Истражувањето, кое беше спроведено како дел од ГЕА проект вклучи различни учесници, меѓу кои возрасни, обесправени лица, едукатори за возрасни и експерти за граѓанска наука и животна средина.

 

Ниска свест за граѓанска наука

Теренското истражување во Северна Македонија откри ограничено разбирање за „граѓанската наука“ кај возрасните испитаници. Само 27% од учесниците посочуваат дека се запознаени со термините „граѓанска наука“ и „граѓански научник“, додека мнозинството од испитаниците не се запознаени со овие концепти. Од друга страна пак, повеќето испитаници (70%) покажуваат ограничено разбирање за граѓанската наука, сметајќи ја како форма на научна активност во која граѓаните учествуваат во процесите на истражување, застапување, креирање политики и одлучување.

 

 

 

Социјални и еколошките предизвици

Резултатите од истражувањето покажуваат голема поврзаност помеѓу предизвиците по животната средина и социјалните предизвици со кои се соочуваат граѓаните на Северна Македонија. Учесниците нагласуваат дека различните еколошки проблеми, вклучувајќи ги и управувањето со отпадот, загадувањето на воздухот, уништувањето на шумите и шумските пожари, често се вкоренети во човечкото однесување и недостатокот на еко-свест кај возрасната популација. Овие однесувања се движат од неправилно депонирање на отпад до незаконско согорување на отпад на отворено, како и диви депонии. Сиромаштијата, локалната индустрија и неконтролираната урбанизација, исто така, ги отежнува овие состојби со животната средина.

 

Главни еколошки проблеми

Учесниците во истражувањето го идентификуваат отпадот како примарен еколошки предизвик со кој се соочува Северна Македонија, заедно со загадувањето на воздухот, уништувањето на шумите, шумските пожари и прашањата поврзани со климатските промени, како што се топлотните бранови и временските промени. Иако овие грижи се различни, тие се меѓусебно поврзани и често произлегуваат од слични човечки активности, како што се неправилно управување со отпад и неконтролирана урбанизација.

 

Локални еколошки иницијативи

Локалните еколошки иницијативи, особено општествените акции за чистење, се сметаат за ефективни во решавањето на некои од еколошките предизвици во државата. Сепак, учесниците изразуваат загриженост за континуитетот на овие акции и сметаат дека општините и генерално јавните институции, во соработка со граѓанските организации, треба да превземат конкретни мерки за да се организираат редовни и доследни иницијативи кои ќе ја мобилизираат пошироката јавност. Според испитаниците, акциите треба да се фокусираат на спречување на отпадот и загадувањето, наместо на едноставно адресирање на последиците – собирање и чистење на отпадот.

 

Едукација за животна средина за возарсни

Согласно истражувањето, Северна Македонија има сериозен недостаток на можности за еколошка едукација на возрасните граѓани, кои ќе бидат достапни во текот целата година. Додека некои можности за едукација и акција се нудат од граѓанските организации во земјата, учесниците нагласуваат дека ваквите активности често немаат континуитет и се зависни од донации и спонзорства. Тие изразуваат потреба од систематско и тековно еколошко образование на возрасните кое би го обезбедиле општините, јавните институции и образовните институции. Овие програми треба да имаат за цел да ја изградат свеста, разбирањето и специфичните вештини за заштита на животната средина на населението, покривајќи низа важни теми како, управување со отпад, загадување и одржливи практики.

 

Учество во проекти за граѓанска наука

Иако учесниците во фокус групите што беа организирани во Северна Македонија се запознаени со граѓанската наука како концепт, тие сметаат дека општоземено, граѓаните во земјата не се доволно информирани за можностите за учество во слични акции и иницијативи. Мотивираноста на возрасното население во земјата за учество во проекти на граѓанска наука е ограничена, што пак, би можело да се припише на недостатокот на интерес за темите кои се адресираат преку конкретните иницијативи, скептицизмот во однос на ефективноста на овие иницијативи, ефективноста на индивидуалниот придонеси и чувството на немоќ.

 

Сознанија

Теренското истражување ја нагласува потребата од јакнење на свеста и промоција на граѓанската наука во Северна Македонија. Еколошките предизвици се сложено поврзани со човековото однесување и социо-економските фактори, поради што, истите изискуваат сеопфатен и системски пристап од институциите и другите клучни сектори во државата. Најсериозни предизвици по животната средина во Северна Македонија се управувањето со отпадот, загадувањето, уништувањето на шумите, шумските пожари и ефектите од климатските промени. Додека локалните еколошки иницијативи се сметаат за значајни, тие бараат континуитет и фокусираност на превентивни активности. Еколошкото образование на возрасните се смета за суштинско за да се изгради еко-свест, додека проектите за граѓанска наука имаат потенцијал и за заштита на животната средина и за јавно образование. Вградувањето на овие сознанија во идните еко активности и политики на државата би можело да придонесе за градење на еколошки посвесно и информирано општество, кое ќе биде опремено со доволно знаење и неопходни вештини за да се справи со идните предизвици по животната средина.

 

 

Заклучоци

ГЕА истражувањето во Северна Македонија вклучува значајни резултати добиени преку анализа на податоците за состојбата со граѓанската наука и еколошката свест на возрасните граѓани на Северна Македонија. Резултатите не само што откриваат серија сличности со резултатите добиени од националните истражувања во останатите 6 држави, туку посочуваат на конкретни разлики кои даваат јасен портрет на еколошкиот пејзаж и граѓанската активност во земјата.

Учесниците во истражувањето имаат ограничени знаења и разбирања за концептот „граѓанска наука“ што пак, само по себе ја нагласува потребата од таргетирани едукативни кампањи за подигнување на свеста и разбирањето на темата. И деск истражувањето и теренското истражување ја посочуваат врската помеѓу локалните еколошки предизвици и различните општествени фактори, како што се сиромаштијата, урбанизацијата и демографските промени.

Како најсериозни предизвици по животната средина, мнозинството учесници ги истакнуваат проблемите со загадувањето на воздухот и водата, управувањето со отпадот, уништувањето на шумите и општо загадувањето на животната средина. Истражувањето, исто така ја нагласува клучната улога што образованието за возрасни може да ја има во промовирањето на концептот на граѓанско учество во научни и други активности за заштита на животната средина.

И иако општата свест за важноста на образование за животна средина за возрасни расте, Северна Македонија претежно се фокусира на јакнење на вештините поврзани со вработување, како и на сеопфатното еколошко образование како процес на доживотно учење, од најрана возраст.

Како заклучок, за да се поттикне поголема искористеност на граѓанската наука, како и да се зајакне еколошката свест во Северна Македонија, иницијативите на граѓанска наука треба да се фокусираат на подигнување на свеста за важноста и полезноста на граѓанската наука и вклученоста на локалното население во истражување и заштита на животната средина. Интегрираниот пристап е од клучно значење, со оглед на сложената врска помеѓу.