Резиме на клучни наоди и препораки

Клучни еколошки предизвици

Како резултат на истражувањето спроведено во седум европски земји, идентификувани се пет главни еколошки предизвици како приоритетни грижи што ги засегаат граѓаните во сите седум држави. Сите овие предизвици ги надминуваат географските граници и бараат колективно внимание и акција.

1. Квалитет на воздухот и загадување

Квалитетот на воздухот и загадувањето претставуваат значителна закана за квалитетот на животната средина и јавното здравје. Честичките, меѓу кои и PM2,5 и PM10, се резултат на индустриски емисии, автомобилскиот сообраќај и греење на домовите. Истите предизвикуваат значајни последици, кои доведуваат до респираторни проблеми и кардиоваскуларни заболувања. Главните извори на загадување на воздухот ги вклучуваат електраните на јаглен, индустриските капацитети и густиот сообраќај. Низ земјите во кои се вршени истражувањата, напорите за борба против загадувањето на воздухот вклучуваат проекти за граѓанска наука кои го следат квалитетот на воздухот. Овие иницијативи обезбедуваат податоци во реално време, ја подигаат јавната свест и ги зајакнуваат локалните заедници да се застапуваат за почист воздух и поодржливи урбани средини.

2. Зачувување на биодиверзитетот

Зачувувањето на биодиверзитетот е сериозен проблем во седумте држави кои располагаат со богати и уникатни екосистеми. Овие екосистеми се соочуваат со значајни закани од уништување на живеалиштата, уништување на шумите и негативни ефекти од климатските промени. Предизвикот при зачувувањето на биодиверзитетот е претставен со загрозувањето на различни видови, од кои некои се сериозно загрозени. Губењето на живеалиштата поради мнозинство фактори како што се уништувањето на шумите и развојот на инфраструктурата претставува огромна пречка.

Проектите за граѓанска наука играат витална улога во справувањето со овој предизвик, работејќи во тесна соработка со истражувачи и конзерватори. Нивниот примарен фокус е документирање и заштита на различните видови, следење на миграциите и условите на критичните живеалишта. Со активно вклучување на граѓаните во собирање податоци и зачувувањето на природното наследство, овие проекти обезбедуваат значителна поддршка за зачувување на биодиверзитетот.

3. Влијанија од климатските промени

Последиците од климатските промени интензивно се чувствуваат во сите седум земји. Истите се манифестираат во форма на зголемени температури, променета врнежливост и почести екстремни временски услови. Овие промени значително влијаат врз земјоделството, водните ресурси и урбаната инфраструктура. Граѓанските научници се активно ангажирани во следењето на овие промени, обезбедувајќи корисни податоци за понатамошно истражување, како и за креирање на неопходни стратегии за адаптација.

4. Квалитет на вода

Одржливоста на водните ресурси, кои вклучуваат голем број на езера, реки и водни екосистеми, е од витално значење за сите седум земји. Сепак, овие вредни водни површини се соочуваат со сериозни предизвици. Загадувањето од различни извори, како што се земјоделските наводнувања, несоодветен третман на отпадните води и незаконското отстранување на отпадот, го загрозуваат квалитетот на водата. Еутрофикацијата, како резултат од прекумерното внесување на хранливи материи, може да доведе до штетно цветање на алгите, осиромашување на кислородот и севкупно влошување на квалитетот на водата. Ефективното управување и зачувување на водите е од суштинско значење за сите седум држави, без исклучок.

5. Урбанизација и користење на земјиштето

Брзото темпо на урбанизација, како и растот и развојот на урбаните средини поставува комплексни предизвици во сите седум земји. Урбаната експанзија честопати резултира со деградација на земјиштето, губење на зелените површини и серија еколошки проблеми. Преку иницијативите на граѓанска наука, се проучува влијанието на градежната експанзија и урбанизацијата врз локалните екосистеми, со посебен фокус на последиците по урбаните зелени површини. Овие иницијативи даваат важни сознанија кои помагаат во носењето на информирани одлуки во насока на одржливиот урбан развој, зелена инфраструктура и зачувувањето на животната средина.

Заеднички потреби за учење

Истражувањето спроведено во седумте земји – Белгија, Естонија, Германија, Грција, Италија, Литванија, Северна Македонија, откриваат слични потреби за едукација кои ги надминуваат географските граници. Во овој преглед на податоци, прикажуваме различни аспекти на овие потреби за едукација за животната средина на возрасните:

 

Ниска свест за граѓанска наука

Во сите седум држави во кои се спроведе ГЕА истражувањето, забележително беше непознавањето на концептот „граѓанска наука“. Токму овој недостиг на знаење и разбирање на терминот ја нагласува потребата од кампањи и едукација на населението заради јакнење на свеста за важноста на граѓанското вклучување во идни научни иницијативи.

 

Меѓусебно поврзани еколошки и социјални предизвици

Импресивни 82% од учесниците во истражувањето ја препознаваат нераскинливата врска помеѓу социјалните и еколошки предизвици со кои се соочуваат граѓаните. Мнозинството од испитаниците сметаат дека еколошките проблеми кои ги засегаат поединечните региони, градови или населби се всушност, „проблеми на заедницата“.

 

Различни предизвици по животната средина

Предизвици по животната средина за кои, учесниците во истражувањето изразуваат особени грижи се најразлични. Од грижа за квалитетот на воздухот и загадувањето до загубата на биодиверзитетот, предизвици поврзани со влијанието на климатските промени, квалитетот и управувањето со водите, урбанизацијата итн. Сите овие еколошки проблеми се последица на најразлични фактори кои изискуваат холистички пристап и обединет фронт.

 

Ограничена свест за иницијативите на граѓанска наука

Тоа што ги обединува седумте држави е и отсуството на свесност помеѓу испитаниците за постоењето на иницијативи за граѓанска наука. Иако во сите седум држави постои елементарно разбирање на концептот на граѓанска наука, евидентно е отсуството на конкретни знаења за постојните иницијативи на граѓанска наука. Освен тоа, резултатите од истражувањата подеднакво ги истакнуваат и сомнежите во ефективноста на овие иницијативи да се справат со проблемите по животната средина што пак, ја нагласува сериозната потреба од јасни и опсежни кампањи кои ќе ги појаснат придобивките од иницијативите на граѓанска наука.

 

Предизвици поврзани со довербата и транспарентноста

Грижата за ефективноста на иницијативите на граѓанска наука е очигледна во сите земји-учеснички. Сомнежот изразен од мнозинството испитаници од друга страна ја нагласува потребата од градење доверба и обезбедување опипливи резултати за ефектите што проектите на граѓанска наука ги имаат на локално, национално и глобално ниво.

 

Улогата на образованието за животна средина во акциите за животна средина

Истражувањата во седумте држави откриваат уште една сличност. Имено, мнозинството од испитаниците ја признаваат важноста на образованието за живтоан средина за возрасни за поттикнување на еко активизам. Во оваа насока, доживотното учење зазема централно место, почнувајќи од едукација на најрана возраст и проширувајќи се во секоја фаза од животот.

 

Вклученост на локалните заедници

Резултатите од седумте држави, исто така ја акцентираат важноста на учеството на локалната заедница во иницијативи за заштита и промоција на животната средина.

 

 

Заклучоци и препораки

Со овој извештај, конзорциумот на ГЕА проектот ги поставува основите за следниот свој чекор – развој на ГЕА курсот за онлајн курсот. Сознанијата добиени од истражувањето во седумте држави дадоа значаен придонес во таа насока. Проследете ги клучните препораки во таа насока.

 

 

Препораки за GEA курсот заонлајн учење

  1. Модул за подигнување на свеста за граѓанска наука: Во рамки на онлајн курсот, развијте модул посветен на едукација на учесниците за граѓанска наука и нејзината важност во справувањето со еколошките предизвици.
  2. Засилено образование за животна средина: Осигурете се дека курсот нуди сеопфатно образование за животна средина кое одговара на возрасните ученици. Вклучете флексибилни методи на учење, кои ќе комбинираат теоретско знаење со практични активности и примери од реалниот свет.
  3. Интеграција на микро-акции: Вклучете дел во курсот кој ќе се фокусира на мали „микро-акции“,кои поединците ќе можат лесно да ги интегрираат во својот секојдневен живот за да промовираат одржливост и заштита на животната средина.
  4. Вклучување на заедницата: Интегрирајте го учеството на заедницата во еколошки иницијативи како значаен дел во заштитата на животната средина. Покажете како преку активно учество во локални проекти, поединците  можат да придонесат и да промовираат колективна акција во рамките на нивните населби и општини.
  5. Ефективни комуникациски стратегии: Обезбедете насоки за примена на ефективни техники за комуникација со цел да се поедностави пренесувањето на сложени научни сознанија за животната средина и климатските промени.
  6. Практични последици од климатските промени: Вклучете модули кои ги истакнуваат практичните и опипливи последици од климатските промени и последиците врз животната средина. Нагласете го искуственото учење за да го илустрирате влијанието врз природата и заедницата.
  7. Прилагодени материјали за учење : Развијте материјали за учење кои се прилагодени на потребите и интересите на возрасните ученици. Размислете за вклучување на материјали за различни стилови на учење, искуство и знаења за да се осигурате дека курсот е инклузивен и прилагоден на целните групи.
  8. Разбирлив јазик: Користете јасен и разбирлив јазик во сите материјали за курсот и за комуникација. Избегнувајте непотребен жаргон и сложена терминологија за да ја направите содржината достапна за широка публика.
  9. Практични апликации: Нагласете ја потребата од практична примена на концептите за животна средина. Охрабрете ги учесниците да го применат она што го учат во секојдневниот живот, почнувајќи со едноставни еколошки практики кои лесно може да се усвојат и применат.
  10. Акцентирање на влијанието во реалниот свет: Илустрирајте ги реалните последици од еколошките предизвици и климатските промени. Користете конкретни примери за да ја нагласите важноста на преземање акција и потенцијалните придобивки од еколошки одговорно однесувања.
  11. Ангажирање на заедницата: Поттикнете учество на граѓаните. Охрабрете ги учесниците да се поврзат со нивните локални заедници и да учествуваат во колективните напори за решавање на еколошките предизвици.
  12. Меѓудисциплинарен пристап: Заземете меѓудисциплинарен пристап кон едукацијата за животната средина. Интегрирајте елементи од различни области, како што се науката, општествените науки и економијата, за да обезбедите сеопфатно разбирање на еколошките предизвици.
  13. Интерактивно учење: Вклучете интерактивни и интересни методи за учење, како што се квизови, дискусии и практични вежби, за активно да ги вклучите учесниците, како и да им го задржите вниманието и мотивираноста за учење и примена на знаењето.
  14. Градење на самодоволни заедници: Поттикнете развој на самодоволни и функционални заедници. Преку курсот, истакнете ја важноста на колективната акција и дајте насоки за иницирање локални иницијативи за животна средина.
  15. Можности за поврзување: Создадете можности за учесниците да се поврзат со истомисленици, поединци, експерти и организации. Поврзувањето може да ја подобри одржливоста на еколошките напори и да обезбеди постојана поддршка.
  16. Правичност и инклузивност: Одржувајте силен фокус на правичноста и инклузивноста. Осигурајте се дека курсот е усогласен со специфичните потреби и предизвици со кои се соочуваат обесправените поединци, создавајќи рамноправност за активно учество на сите потенцијални учесници.

Овие препораки се доказ за споделената визија и разбирање за важноста на градење на идните генерации на еколошки писмени, посветени и активни возрасни граѓани, инаку изразени преку национални истражувања спроведени во рамки на ГЕА проектот.

Со нетрпение ги очекуваме резултатите. За позелена и поодржлива иднина.